Интервју

Виктор Петков, “Випро”: Имаме голем потенцијал во извозот на преработки од овошје и зеленчук, потребна е нова стратегија во земјоделството за тој да се реализира

Виктор Петков е пионер, но и ветеран во конзервната индустрија во Македонија, поточно во индустријата за преработки на зеленчук и овошје. Почетоците на неговата компанија „Випро“ од Гевгелија се уште од 1992 година, како производител на соковите Наја, а подоцна и минерална вода. Пет години подоцна Випро е првата компанија која започнува со производството на ајвар по домашен рецепт. Следат години на континуиран развој на фабриката и раст на производниот асортиман, збогатуван постепено и со нови и иновативни производи и специјалитети.
Петков вели дека Випро е компанија која постојано е во инвестиции и развој. Во 2012 година е пуштен најновиот производен погон на „Випро“ со можност за 10 пати поголемо производство од претходната фабрика или со капацитет од 20 милиони тегли годишно.

Денес компанијата е меѓу најголемите производители и извозници на преработки од зеленчук и овошје од државава, со 80% од производството пласирано на странски пазари.

Во едно истражување на австриското Меѓународно здружение за развој на менаџментот (CEEMAN) и Бледската школа за менаџмент (IECD) објавено годинава, Випро беше посочена како еден од петте скриени шампиони на Македонија, односно мали и средни иновативни фирми кои имаат постојан раст и се лидери на еден или два пазари, малку познати во јавноста, но со голем потенцијал за развој.
Во ова истражување, Випро од Гевгелија е посочена како лидер во продажбата на конзервни преработки на овошје и зеленчук во земјава, но и во Косово, Црна Гора, САД и Канада. Проценките во ова Истражување се дека Випро е втор најголем производител на ајвар во светот, со продажби кои се мерат во милиони тегли годишно.

Но, Петков е уверен дека потенцијалите на оваа домашна индустриска гранка се далеку поголеми и не се ни приближно искористени, пред с$ поради досегашните лоши државни политики во областа и на примарното земјоделско производство, а следствено и во делот на индустриските преработки.

Домашната индустрија за преработки од овошје и зеленчук се покажува и како најотпорна во време на пандемијата, извозот е зголемен, а светските истражувања посочуваат дека побарувачката за конзервирани овошја и зеленчуци ќе продолжи да расте и во пост-Ковид периодот.

Петков во интервју за ИзвозМК зборува за влијанието од пандемијата со корона вирусoт, проблемите кои го ограничуваат поголемиот раст и развој на конзервната индустрија и за идните нови производи и активности

Випро е еден од најголемите производители и извозници од конзервната индустрија. Со какви проблеми се соочувате како производна и извозна компанија од почетокот на кризата со Ковид 19 и што преземате за да ги надминете?

Петков: Випро ја дели судбината на останатите македонски фирми од оваа индустрија. Кризата со Ковид9 19 за наша среќа во Гевгелија не се прошири многу, но ги потенцираше посточеките проблеми со кои се соочува индустријата, а кои се мултиплицираа низ годините наназад.

Зборувам за проблеми како недостиг на суровини, актуелниот и очекуван недостиг на работна сила, нерешениот статус на сезонски работници, рестриктивната царинска политика и сложените царински процедури кои ни создаваат дополнителни трошоци и нни одземаат време, потоа високите царински давачки за суровини и репроматеријали од увоз, нерешената арондација и научно следење на производството на суровини, секојдневни борби со институции за остварување на нашите права, нерешени имотно-правни проблеми кои не блокираат во развојот како инвеститори…

Потенцирав дека станува збор за мултиплицирани проблеми, бидејќи ако еден проблем не се решава, туку со години се одложува, станува се поголем и потешко решлив, бидејќи на истиот се надоврзуваат десетина пропратни компликации кои на крај го прават нерешлив. На пример, додека не се реши арондацијата, односно окрупнувањето на земјиштето, ние ќе немаме земјоделци. Во Гевгелија, на пример веќе и да не постојат земјоделци. Ќе имаме брана, наводнување, но ќе немаме земјоделци…

Што се однесува во промените кои ги донесе Ковид 19, единствена разлика е што ја подигнавме на многу повисоко ниво хигиената согласно препораките на надлежните органи.

Единствената потешкотија што ја имаме е околу организацијата на производството заради потребата од поголема синхронизација и редуцираното дрижење на луѓе, додека за другите наброени проблеми едноставно се прилагодуваме на реалноста во државата.

Каква е ситуацијата со продажбата на домашните и странските пазари во изминатиов период? Имате ли откажувања на нарачки од странските пазари, проблеми околу наплатата на побарувањатаили ликвидноста и какви се проценките за годинава?

Петков: Нашето искуство покажува дека ситуацијата со продажба во нашата дејност е стабилна, дури и со благ пораст од причина што пандемијата индиректно ја зголеми потрошувачката на храна. Генерално, луѓето заради пандемијата седат повеќе дома и се зголемува потрошувачката на прехранбени производи.

Но, сепак зависи од пазарите и од типот на производи. Производите на Випро не се во првата група на храна, како свежата храна која најмногу се троши, но сме во втората група храна, која генерално не е погодена од кризата.

Нашите проценки за развиените пазари се оптимистички, додека за посиромашните држави очекуваме промена на потрошувачката со зголемување на потрошувачката напоевтини конзервирани производи.

Владата излезе со неколку пакети мерки за поддршка на компаниите погодени од кризата ? Какви мерки или поддршшка сметате дека би била од корист за Вашата компанија или индустрија во која работите?

Петков: Да, тоа се главно мерки за кои фирмите треба да аплицираат, а помалку директни економски мерски. Випро ги користи посебно кредитите со пониски каматни стапки, додека од тие со апликации користиме само дел.

Владата излезе со неколку пакети мерки за поддршка на компаниите погодени од кризата ? Какви мерки или поддршшка сметате дека би била од корист за Вашата компанија или индустрија во која работите?

ПетковДржавната стратегија е потребна токму за тоа, за да не се доведеме да крахираме во време на криза. Но, освен декларативни заложби, субвенции и спорадични акции (купувај домашно, апликации за помош…) не гледам посебна државна стратегија во континуитет кон поголемо домашно производство на храна.

Да, сите се сложуваме во тоа дека потенцијалите за извоз ни се многу поголеми од резултатите, но никој ништо не прави за тие потенцијали да се реализираат. За тоа е потребна сериозна реформа, од која резултатите ќе се гледаат подолгорочно.

Еден од клучните проблеми кои го посочуваат многу компании од оваа индустрија е проблемот со суровините и високите увозни давачки, што ве прави понеконкурентни во однос на вашите конкуренти. Може ли поконкретно да објасните што е проблемот и како би можел да се надмине или како е тоа решено во другите земји?

ПетковСпоред економска теорија, секоја царинска заштита од над 18% повеќе не е заштита, туку е бариера. Во Македонија речиси сите суровини свежо овошје и зеленчук од увоз имаат царинска стапка од 50% па нагоре, додека нормално извозот на истите е слободен.

Од друга страна, сите поголеми компании од конзервната индустрија и преработките од овошје и зеленчук во Македонија, над 80% од производството го извезуваат во странство и се натпреварваат на меѓународниот пазар.

Ќе дадам еден пример со концентратот од домати. Бугарија има царинска стапка за увоз од 0%, како земја членка на ЕУ. Србија за увоз на истиот производ има царинска стапка од 18%, а е членка на ЦЕФТА како и нашата држава. Кај нас за да се увезе концентрат од домати треба да се плати царинска стапка од 50%.
Со ваква поставеност на царините, јасно е дека нам во старт ни се намалува конкурентноста и ни се нарушува развојот и учеството на меѓународниот пазар. Истовремено, земјите од ЦЕФТА, како Србија на пример со исти производи настапуваат без царини на домашниот пазар (на пример кечапи кои се прават токму од увозен доматен концентрат).
Секако дека во такви услови домашните производители ќе бидат неконкурентни во старт, а на меѓународниот пазар уште повеќе.

Колкав е извозот на Випро, кои се најизвезувани производи и на кои пазари извезувате?

Петков: Випро има годишен промет од околу 5 милиони евра, од кои 80% е извоз. Производите на Випро се извезуваат во околу 15 земји, меѓу кои земјите од поранешна Југославија, од ЕУ и останатите развиени земји како САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд.
Најмногу извезувани производи ни се домашниот ајвар, пинџурот, лутеницата, паста од печен домат, грилуван маркиран зеленчук, итн.

Колку досега имате инвестирано како компанија во развој? Каква соработка и поддршка имате со банките и државната Развојна банка?

Петков: Випро речиси 30 години е постојано во развој. Имаме вообичаени тековни проблеми, но и многу институционални проблеми, кои ги споменав претходно.

Со банките имаме прекрасна соработка, бидејќи банките во Македонија ги поддржуваат бизнисите и компаниите кои имаат одржлив развој. Со државната Развојна банка немаме соработка, Имавме одредени почетоци со гаранции за извоз, но не се најдовме во условите и не ја продолживме соработката.

Колку коронакризата ви ги наруши плановите и што е следно што може да се очекува од Випро?

Петков: Випро е извозно ориентирана компанија и таа наша стратегија ја следиме од самите почетоци. За жал, форсираме димензиониран раст на производството и извозот, не повеќе од тоа, бидејќи не сме сигурни во напоредното позитивно решавање на повеќето со години напластени проблеми во државата, кои во таков случај можат негативно да влијаат на нашето зголемено производство. На пример, поголем недостиг на некоја суровина, влошување на проблемот со сезонски работници и слично.

Што се однесува до идните развојни програми, освен постојните програми кои постојано се подобруваат и усовршуваат, имаме планови наскоро да го прошириме производниот потенцијал со snacks производи. Тоа се ужинки или грицки базирани на зеленчук и овошје, меѓу кои и хумуси произведени по рецептури од Блискиот исток. Исто така, планираме да почнеме да произведуваме и готови јадења од овошје и зеленчук, со мали пакувања во лименки за еднократна употреба и сл.

Корона кризата ни наметнува понатамошна тековна реорганизација и следење на светските текови во нашата област на работење. Нашите планови за развој на среден и долг рок се да оствариме неколку пати поголем обрт. Но, сметам дека за тоа да се реализира тоа, треба и макроекономското опкружување и економските политики да не следат и поттикнуваат.

Извор: izvoz.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *